Рускиот синџир ресторани „Вујко Вања“, претставуван како замена за американската фирма „Мекдоналдс“, според многумина, има лого исклучително слично на познатиот жолто-црвен знак на американскиот гигант за брза храна, пренесува британски „Индепендент“.

Регистрацијата на трговската марка „Вујко Вања“ (Дядя Ваня) била поднесена до руските власти минатата недела, се наведува. „Мекдоналдс“ претходно објави дека привремено ги затвора сите 847 свои ресторани во Русија бидејќи светските брендови се соочуваат со притисок од потрошувачите да се спротивстават на инвазијата на Владимир Путин на Украина.

Претседателот на државното Собрание, Вјачеслав Володин минатата недела објави дека „Вујко Вања“ треба да го замени „Мекдоналдс“.

Според властите во Москва, домашните угостителски фирми може да заменат 250 ресторани на „Мекдоналдс“ во руската престолнина во рок од една година. Се наведува и дека Градскиот совет доделил 500 милиони рубљи (околу 4,36 милиони евра) како субвенција.

Синџирот ресторани „Мекдоналдс“ во Русија повеќе од 30 години служеше како симбол на „затоплувањето на односите Исток-Запад“ по тн. „Студена војна“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.