Судијата во Врховниот суд на државата Њујорк, Томас Радемејкер, денеска ја укина одлуката за задолжително носење маски и рече дека гувернерката на таа држава ги пречекорила овластувањата во наметнувањето на правила што требало да ги усвои законодавното тело.

Гувернерката на Њујорк, Кејти Хочул, реагираше на одлуката на судот и рече дека ќе ја искористи секоја опција што ја има за таквата одлука веднаш да се укине, пренесува „Ројтерс“.

Остро се противиме на оваа пресуда и ќе ја искористиме секоја опција за веднаш да ја поништиме, наведе таа во соопштение.

„Моја одговорност како гувернер е да ги заштитам жителите на Њујорк за време на оваа здравствена криза, а овие мерки помагаат да се спречи ширењето на Ковид-19 и да се спасат животи“, додава Хочул.

Радемејкер изјави дека неговата пресуда во никој случај не има за цел да ја доведе во прашање ефикасноста и потребата од носење маска како средство за борба против коронавирусот, туку дека усвојувањето на какви било закони за таа цел му е доверено исклучиво на државното законодавство.

Гувернерката Хочул прогласи вонредна состојба набргу откако Светската здравствена организација на 26 ноември објави дека омикрон сојот на коронавирус е причина за загриженост.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.