Европската агенција за лекови препорача новите, ретки несакани ефекти да бидат вклучени во упатствата за употреба на вакцините за Ковид-19 од компаниите „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“.

За вакцините од двата производители, случаите на попречен миелитис се наведени како „многу ретки“ како несакани ефекти по вакцинацијата.

Тоа е ретка невролошка состојба на воспаление на едната или двете страни на ‘рбетниот мозок, што може да предизвика слабост во рацете или нозете, сензорни симптоми (трнење, вкочанетост, болка или губење на болка) или проблеми со функцијата на мочниот меур или цревата.

ЕМА наведува дека односот помеѓу значајните придобивки од вакцините и потенцијалниот ризик останува непроменет дури и по новите наоди.

Кога станува збор за вакцината на „Астра зенека“, ЕМА препорача ажурирање на постоечките информации за „многу ретка“ можност за тромбоза со тромбоцитопенија (TTS) по вакцинацијата.

Последните податоци покажуваат дека ТТС се јавува во помалку случаи по втората доза – од 1.809 пријавени случаи во светот, 1.643 се случиле по првата и 166 по втората доза на вакцината на „Астар зенека“.

Според тековните информации за производот, втората доза од оваа вакцина е контраиндицирана кај луѓе кои доживеале ТТС по првата доза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.