Ноќеска на полноќ  Франција излегува од вонредната санитарна состојба, но тоа не значи дека државата ја напушта можноста за силни и строги мерки против новиот коронавирус, јави дописникот на МИА.

Излегувањето од вонредната состојба беше изгласано од Парламентот на 4 јули, но законот што ја опфаќа таа нова фаза не се откажува од  сите мерки што беа на сила изминатите неколку месеци.

Новиот закон му дава можност на премиерот да воведе построги регулативи без одложување ако епидемиолошката состојба повторно се влоши.

 

Премиерот исто така може да одлучи да ги задржи затворени некои установи „кога тие се домаќини на активности што, по својата природа, не гарантираат спроведување на мерки што веројатно ќе ги спречат ризиците од ширење на вирусот.

Тој закон ќе му овозможи и на премиерот „да го регулира собирањето луѓе, состаноци и активности на јавни места и на места отворени за јавноста“. Наметнување виролошки тест на луѓе кои патуваат со авион во Франција,  кон прекуокеанските територии и во странство, исто така е дел од изгласаните преодни мерки.

Сепак, маските ќе продолжат да бидат задолжителни во јавниот превоз, каде за возврат е укинато едно ограничување, она кое што бараше да се има едно празно место од две.

Исто така, „максималната бројка од 5.000 лица“ за големи настани, стадиони и концертни сали останува на сила до 1 септември.

Во рестораните, персоналот ќе мора да продолжи да служи со маска. Клиентите, исто така, кои ќе станат и привремено ја напуштат трпезата, мора да ја носат маската за нивно движење во рестораните. Но, оваа одредба, како и некои други, веќе не се почитуваат од Французите

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.