Војската во Мјанмар изврши државен удар против Владата на премиерката Анг Сан Су Чи, која е уапсена на денот кога пратениците требаше да се вратат во Парламентот, првпат по изборите кои се одржаа во ноември минатата година, а кои војската ги смета за нерегуларни.

Армијата прогласи вонредна состојба и соопшти дека апсењето на Премиерката, како и на други високи официјални претставници, претставува одговор на изборната измама.

Во видео обраќање, што е објавено на телевизија под контрола на војската, е истакнато дека власта му е предадена на главниот командант на оружените сили, генерал Мин Анг Хлаингу.

Рано утринава, војската ја упаси Анг Сан Су Чи, но и претседателот Вин Минта – потврди портпарол на Националната лига за демократија, партијата која победи на изборите.

Националната лига за демократија, на многу популарната Анг Сан Су Чи, која веќе беше на власт, освои 83 отсто од 476 места во Парламентот, но војската тврди дека открила 10 милиони случаи на измами и побара од изборната комисија да ги објави изборните листи поради проверка.

Моментно не е познато како ќе се развива ситуацијата, а политичката криза не е единствениот проблем со кој се соочува Мјанмар. Во земјата се потврдени над 140.000 случаи на корона вирус, а доколку се организираат големи протести, веројатно вирусот ќе се прошири уште повеќе и дополнително ќе го оптовари здравствениот систем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.