Украински воен авион АН-26 се урна во близина на градот Чугуев во регионот Харков во Украина.

Како што соопштија од Кабинетот на украинскиот генерален обвинител, бројот на загинатите во падот на авионот изнесува 25 луѓе.

Според првичните информации, загинаа 25 лица, а двајца се пренесени во болница во сериозна состојба–  соопштија од Кабинетот.

Од Канцеларијата наведуваат дека е поведена кривична постапка поради обвиненија за кршење на правилата за безбедност и подготовка на летот,што довело до катастрофа и други сериозни последици.

Во меѓувреме, властите во регионот Харков во Украина прогласија Национален ден на жалост за жртвите од падот на авионот.

Во уредбата на гувернерот, објавена на веб-страницата на администрацијата, се вели дека на Денот на жалост, националното знаме ќе биде спуштено на половина копје на сите згради на државните органи, компании, агенции и организации и дека ќе им биде поставена лента за жалост. Сите забавни и спортски настани според препораките треба да бидат откажани.

Несреќата се случи синоќа при слетување на авионот. Покрај членовите на екипажот во него се наоѓале и кадети од Универзитетот за воздухопловство во Харков. Тие изведувале лет за обука.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, најави дека ќе го посети регионот Харков, каде што се урна авионот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.