Најпознатиот германски виролог, Хендрик Штрик, директор на Институтот за вирологија на Универзитетот во Бон, остро се спротивставува на враќањето во карантин како решение за новиот удар на пандемијата на корона вирусот со кој се соочува дел од Европа.

Како што пишува британски „Телеграф“, Штрик им понудил совет на сите земји што почнале со воведување мерки за „заклучување“: „Смирете се, не подлегнувајте на општата масовна хистерија!“

Време е да се стави крај на целата оваа возбуда. Вирусот можеме да го надмудриме користејќи го нашето знаење. Мораме да сфатиме дека Ковид-19 ќе биде со нас многу долго и мора да научиме да живееме со него. Не можеме да продолжиме да го прекинуваме нашиот нормален живот и да парализираме сè – истакнува Штрик.

Тој, сепак, ги поддржа првите мерки за воведување карантин во Германија. Тогаш доаѓаа шокантни прелиминарни податоци од Италија, а научниците само што почнаа да се справуваат со вирусот.

Како што објаснува Штрик, во такви услови, принципот на претпазливост диктирал драконски потези, ситуацијата се смени во наредните месеци.

Убеден сум дека промените во однесувањето на луѓето имаа силно влијание врз заразата. Луѓето сега се заразуваат со помали дози на вирусот поради почитување на социјалното растојание, па затоа клиничките слики се поблаги. Подобра хигиена и мерките како носење маски влијаеја на намалување на дозите на вирусот – смета Штрик.

Тој објаснува дека при следење на развојот на пандемија, не е доволно само да се набљудува бројот на нови случаи на инфекција, туку и да се следат податоците од болничките единици за интензивна нега. Штрек вели дека сега е јасно дека големите собири во затворено го забрзуваат ширењето на заразата, но дека одењето во продавница или на фризер е ризик со кој може да се управува.

Штрик предлага „систем на семафори“, односно воведување локализирани мерки во зависност каде ситуацијата се влошува, односно кои области се наоѓаат во зелена, жолта или црвена зона. Боите во тој систем би покажувале пополнетост на болничките капацитети.

Вирологот заклучува дека државните власти не можат да погрешат во борбата против пандемијата се додека се потпираат на здравиот разум и на деталните анализи за тоа што претставува најмало зло.

Тој вели дека клатното во овој момент отишло предалеку на страната на „ковид неврозата“, што ги редуцира клучните програми на ОН за борба против ХИВ и гладот, што може да доведе до голем број смртни случаи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.