Шведски доктор за телевизијата СВТ изјави дека секој ден во Стокхолм се фрлаат стотици дози на вакцината против Ковид-19 на „АстраЗенека“ затоа што жителите одбиваат да се вакцинираат со неа.

Јохан Стируд од Медицинското здружение на шведската престолнина вели дека нема доволно волонтери за да се вакцинираат со „АстраЗенека“, поради што вакцините мора да се фрлаат доколку не се искористат во рок од неколку часа.

Британско-шведската вакцина во Шведска е ограничена на луѓето над 65 години, откако во светот се пријавени ретки случаи на згрутчување на крвта како несакан ефект на земање на вакцината.

СВТ објавува дека некои пациенти ги откажуваат закажаните вакцинации кога ќе дознаат дека ќе примат вакцина на „АстраЗенека“.

Стируд, како и Европската агенција за лекови (ЕМА) и Светската здравствена организација (СЗО), нагласува дека придобивките од оваа вакцина се многу поголеми од ризиците, па ги повика луѓето да се вакцинираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.