Илјадници училишта во САД го одложија враќањето на учениците во клупи оваа недела или се одлучија за онлајн часови, бидејќи бројот на случаи на Ковид-19 достигна рекордно ниво поради ширењето на омикрон варијантата на коронавирусот.

Меѓутоа, во некои училишни области, официјални лица сепак инсистираа да се отворат училиштата, вклучително и Њујорк, кој е силно погоден од епидемијата, каде што минатата недела секое трето тестирано лице било позитивно на Ковид-19, според вчера објавените податоци од градските власти.

Според клиниката Мајо, има 18 проценти позитивни тестови на национално ниво во САД.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, кој ја презеде функцијата викендов, вети дека ќе го задржи отворен најголемиот училишен систем во САД и покрај брзото ширење на вирусот.

Пред еден месец, во градот имаше помалку од три проценти позитивни тестови, а сега ширењето на инфекцијата го наруши системот на јавниот транспорт, ги затвори претставите на Бродвеј и ги принуди компаниите да го одложат физичкото враќање на работните места.

– Сакаме да бидеме исклучително јасни, најбезбедното место за нашите деца е училишната зграда, истакна Адамс по посетата на основно училиште во Бронкс. Само едно државно училиште во Њујорк беше затворено вчера поради недостиг на кадар, соопшти образовниот совет на градот.

Брзината на ширење на омикронот создаде чувство на хаос на самиот почеток на 2022 година. Во последните седум дена, бројот на заразени случаи двојно се зголемил, достигнувајќи рекордни 418.000 дневно.

Многу други градови, како што се Милвоки, Кливленд и Детроит, воведоа онлајн настава или на сличен начин го откажаа враќањето на десетици илјади ученици на училиште оваа недела, повикувајќи се на недостиг на персонал и загриженост поради сојот омикрон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.