Бројот на смртни случаи од коронавирус во Русија денеска е поголем од 1.200 втор ден по ред, додека бројот на новозаразени опаѓа, но сепак е поголем од претходниот бран на пандемијата.

Руската државна оперативна група за коронавирусот соопшти дека 1.251 лице починале од Ковид-19 во претходните 24 часа, што е највисока бројка од почетокот на пандемијата во март 2020 година.

Претходно, најголем број починати беа регистрирани вчера – 1.247.

Во последното деноноќие има 37.374 новозаразени лица, соопшти кризниот штаб во Москва.

Здравствените експерти причини за најновиот пораст на инфекции и смртни случаи ги наведуваат ниската стапка на вакцинација и непочитувањето на епидемиолошките мерки.

Помалку од 40 отсто од скоро 146 милиони луѓе во Русија се целосно вакцинирани, иако земјата ја одобри домашната вакцина против Ковид-19 месеци пред сите останати во светот.

За да ја зголеми стапката на имунизација, руската Влада најави дека од следната година ќе стапат во сила нови рестриктивни мерки.

Тие предвидуваат пристап до многу јавни места, како и домашните и меѓународните возови и летови, да имаат само целосно вакцинирани лица и оние кои прележале ковид или се медицински ослободени од вакцинација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.