Претседател на медицинската комисија на Париските болници и јавна помош (АП-ХП), Реми Саломон, истакна дека првичните резултати од истражувањето во регионот на Париз, со кое се направи проценка за присуството на повеќе видови на корона вирусот во Франција „не се добри“.

Саломон додава дека кога се зборува за раширеноста на британската мутација треба да се зборува за „експоненцијален раст“.

На седми јануари бевме приближно околу шест отсто и минатата недела се искачивме на петнаесет до дваесет проценти. Тој ќе стане доминантен во следните две до четири недели. И бидејќи е од 40 до 70 отсто позаразен, ќе дојде до забрзување на епидемијата ако не сториме значително повеќе. Тоа е она што нè плаши – изјави Саломон за „Франсинфо“.

Тој смета дека за да се забави ширењето на вирусот разумно е да се затворат училиштата можеби на три недели или на еден месец, а потоа повторно да се отворат, притоа додавајќи дека се залага само за работа од далечина.

Второто истражување наменето за проценка на присуството на нови варијанти на корона вирусот во Франција треба да ги даде прелиминарни резултати на почетокот на неделата.

Оваа брза истрага се состои од повторна анализа и потоа секвенционирање на голем примерок од позитивните тестови ПЦР извршени минатата среда за да се утврди дали станува збор за вообичаен вид на СарсКов2 или за една од варијантите кои се појавија во последниве недели во Велика Британија, Јужна Африка и Бразил.

Првата студија, која разгледуваше само вируси од британската мутација, овозможи да се процени дека варијантите се одговорни за 3,3 отсто од случаите на Ковид-19 дијагностицирани од РТ-ПЦР во Франција на 7 и 8 јануари, со хетерогено присуство на националната територија што може да варира од 0,2 проценти во Бургоњ-Франш-Комте до 6,9 отсто во Ил-де-Франс.

Врз основа на прелиминарните резултати од ова второ блиско истражување, министерот за здравство, Оливие Веран, посочи дека циркулацијата на британската мутација се интензивира за педесет проценти секоја недела, но на помалку интензивен начин отколку во странство, каде што се зголемува од седумдесет до сто проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.