И покрај пандемијата на новиот коронавирус, во Москва денеска се одржа голема воена парада со која се одбележа 75-годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа. Собирот првично требаше да се одржи за Денот на победата на Русија, на 9 мај, но беше откажан во април поради големиот број на заразени лица со Ковид-19.

На парадата учествуваа повеќе од 13.000 војници, со неколку десетици странски делегации од Кина, Индија, Србија и Монголија, учествуваа и 75 авиони и повеќе од 200 воени возила.

Наши драги странски гости, другари војници и морнари, другари команданти, генерали и адмирали, ви честитам на 75-годишнината од победата во Големата патриотска војна – изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Тоа беше невиден триумф на моќ, додаде Путин во своето обраќање.

Светската здравствена организација неколку дена пред парадата, ја предупреди Москва дека масовните собири претставуваат ризик за „зголемено ширење“ на новиот коронавирус.

Црвениот плоштад беше преполн со луѓе, а на телевизиските снимки се забележуваа луѓе кои не носат заштитни маски. Советскиот сојуз имаше десетици милиони жртви во Втората светска војна, најмногу од сите сојузнички сили, а победата над Германија останува важен извор на гордост за Русите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.