Во текот на последните 24 часа во Израел се регистрирани 9 762 нови случаи на ковид-19, што е рекордно зголемување, кое доаѓа во време кога владата се подготвува да воведе построги ограничувања. Од друга страна пак во Кина регистрирани се само 10 нови случаи на територијата на целата земја.

Соочувајќи се со зголемен број на нови случаи за време на вториот бран од пандемијата, Израел ќе го ограничи присуството на молитви и протести низ целата земја, а работното време во јавниот и приватниот сектор ќе биде скратено. Досега во земјата има вкупно 203 136 дијагностицирани, од кои 1 316 починаа, активни се 57 134 случаи.

Во Кина во последното деноноќие има мало зголемување на новите случаи, бидејќи претходниот ден беа регистрирани само шест случаи. Бројот на асимптоматски случаи кои не се вклучени во официјалната статистика, исто така, се искачи од 15 на 18. Од почетокот на епидемијата во Кина, регистрирани се вкупно 85 307 случаи на заболени, а починале 4 634 лица.

Во Бразил, во последните 24 часа се пријавени 33 536 нови случаи на коронавирус, а други 836 лица починаа, соопшти Министерството за здравство на земјата. Вкупно над 4,59 милиони случаи на коронавирус се пријавени во Бразил, додека досега починале 138 108 лица. Бразил е на третото место во светот по бројот на заразени со вирусот по САД и Индија, и втор по бројот на смртни случаи, по САД.

Во последните 24 часа во Германија се потврдени 1 984 нови случаи на коронавирус, а 17 лица починаа, објави Институтот Роберт Кох. Ова е втор ден по ред како бројот на нови инфекции се движи над 1 500.

Во Мексико, во последните 24 часа се потврдени 4 683 нови случаи на коронавирус, а починале 651 лице, соопшти Министерството за здравство. Како резултат, вкупниот број на заразени лица се искачи на 705 263, а вкупно починаа 74 348 лица.

Дневниот број на нови случаи на коронавирус во Јужна Кореја денес повторно надмина 100, по три последователни дена со двоцифрено дневно зголемување. Во последните 24 часа во таа земја беа потврдени 110 нови случаи, од кои само еден е увезен. Од почетокот на епидемијата, во Јужна Кореја се пријавени 23 216 случаи на коронавирус, а починале 388 лица.

Во Индија по вчерашниот пад, повторно беше регистриран пораст на бројот на новозаболени лица, откако беа потврдени 83 347 нови случаи. Регистрирани се 1 085 смртни случаи. Со вкупно 5,6 милиони заразени, Индија е на второ место по САД, а досега починаа повеќе од 90.000 луѓе.

Во Чешка се регистрирани 2 394 нови случаи на коронавирус, што претставува втор највисок дневен биланс од почетокот на пандемијата, според Министерството за здравство. Во септември, бројот на нови случаи во Чешка се удвои и земјата ја забележа втората најбрза стапка на инфекција во Европа. Досега се заразени над 53 000 луѓе. Властите, во меѓувреме, повторно воведоа некои ограничувачки мерки, како што се задолжително носење маски и ограничувања во работењето на ресторанот.

Со 6 431 нов случај на коронавирус, Русија го бележи највисокиот биланс од 13 јули навака, соопштија властите. Во истиот период починаа 150 лица, а 5 750 се опоравија. Од почетокот на епидемијата во Русија, регистрирани се 1,12 милиони заразени луѓе, а починале 19 799 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.