Италијанскиот претседател Серџо Матарела ќе ги почне консултациите со лидерите на политичките партии за надминување на политичката криза во земјата, откако премиерот Џузепе Конте поднесе оставка.

Според изјава од кабинетот на претседателот, од Конте било побарано да остане на функцијата со технички капацитет додека не завршат преговорите.

Конте минатата недела го изгуби апсолутното мнозинство во Горниот дом на парламентот, Сенатот, откако пратениците од коалицијата „Италија Вива“, предводена од поранешниот премиер Матео Ренци, поднесоа оставки незадоволни од владината резолуција за кризата со корона вирусот и од економската рецесија.

Неуспешни беа напорите на Конте да ги доведе центристичките и независните сенатори во коалицијата за пополнување на празнината што ја остави Ренци, не оставајќи му на премиерот друг избор освен оставка и официјално отворање на владина криза што ќе му даде повеќе време да постигне договор.

Доколку Матарела смета дека Конте би можел да ја добие потребната поддршка за формирање нова влада, ќе му даде рок од неколку дена да се обиде да формира нов Kабинет.

Меѓутоа, доколку не успее, Матарела ќе мора да излезе со алтернативен кандидат за кого смета дека е способен да формира коалиција што ќе функционира. Во случај сите опции да паднат во вода, ќе мора да се распишат предвремени избори, две години пред крајниот рок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.