Во Ирак во јуни е забележан скок од 600 отсто на случаите на зараза со коронавирусот.

На најголемите ирачки гробишта се закопуваат 70 до 80 тела на жртви на ден, а се очекува таа бројка дополнително да расте бидејќи здравствената структура на таа земја со децении ја уништуваа војни, санкции и корупција.

На Јусеф Х. од зараза со ковид-19 му умреле родителите и сестрата.

Го потценија вирусот. Не знаеја како да се заштитат. Сега сме преплашени и 100 отсто уверени дека коронавирусот е сериозна болест- кажа Јусеф за Си-ен-ен.

Погребувањата на умрените од ковид-19 на најголемите ирачки гробишта се одвиваат во текот на ноќта, кога ќе попушти жештината. На погребот не присуствува семејството и последните молитви за умрените ги испраќаат непознати луѓе – ирачките војници.

Медицинските работници предупредуваат на појавата на коронавирусот меѓу персоналот во болниците.

Бев со своето семејство кога шефот на болницата ми се јави и ми кажа дека сум позитивен на вирусот. Тоа е моментот кога се поздравувате со семејството, со своите деца, и не знаете дали ќе им се вратите – вели анестезиологот Ала Хусеин ал Талакани.

Дојде до пораст на заразените во нашата земја бидејќи властите не воведоа вистински мерки за заштита и затоа што прерано ги отворија пазарите и дуќаните, додава тој.

Во Ирак досега се забележани над 62.000 случаи на зараза со коронавирусот, а умреа најмалку 2.500 луѓе. Во последните 24 часа во таа земја од вирусот умреа 94 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.