Повеќе од сто луѓе синоќа се уапсени во Грузија по судирите помеѓу демонстрантите со полицијата, што уследија по владината одлука да се стопираат преговорите за членство во ЕУ, соопшти денеска грузиското Министерство за внатрешни работи.

Демонстрантите се судрија со полицијата во повеќе грузиски градови, вклучително и Тбилиси и Батуми. Полицијата во главниот град употреби водени топови за да ги спречи демонстрантите да се доближат до зградата на Парламентот.

Протестите почнаа кога премиерот Иракли Кобахиѕе од владејачката партија Грузиски сон ја соопшти одлуката за стопирање на преговорите со ЕУ.

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили синоќа изјави дека се солидаризира со „Движењето на отпорот“ во кое илјадници луѓе протестираат против одлуката на Владата да ги одложи пристапните преговори со ЕУ.

– Движењето на отпорот почна … Се солидаризирам со него. Ќе останеме обединети додека Грузија не ги постигне своите цели: враќање на европскиот пат и одржување нови избори, истакна Зурабишвили во телевизиското обраќање.

Повеќе од 100 дипломати и државни службеници во Грузија потпишаа отворено писмо во кое тврдат дека одлуката на Владата не е во согласност со стратешките интереси на земјата.

Кобахиѕе ја обвини ЕУ за „мамење“ откако европските законодавци побараа повторување на минатомесечните парламентарни избори во Грузија поради „значителни неправилности“.

Во Грузија од 2012 година на власт е партијата Грузиски сон, која според критичарите, се обидува да ја оддалечи земјата од ЕУ и да ја приближи Русија.

Грузиски сон победи на изборите минатиот месец, но пратениците од опозицијата го бојкотираат новиот парламент, тврдејќи дека има изборен фалсификат, додека за претседателката Зурабишвили парламентот е „неуставен“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.