Се затвораат баровите, кината, театрите во Германија, а во Франција е дозволена само едночасовна рекреација. Овие мерки стапуваат на сила во петок во Франција, а во понеделник во Германија.

Лидерите на овие две земји, Ангела Меркел и Емануел Макрон решија да воведат делумен национален карантин, со цел да се запре ширењето на коронавирусот.

Во Германија беа регистирани рекордни 15.000 нови случаи на коронавирус, додека дневната смртност од ковид-19 во Франција е највисока од април.

Во Германија рестораните ќе работат само со нарачки. Се затвораат салоните за тетовирање и масажа, теретаните и базените. Училиштата, градинките и продавниците ќе работат. Социјалните контакти се ограничуваат на две домаќинства со максимум десет луѓе, додека ноќевање во хотел се забранува, освен ако не е неопходно. Меркел им препорача на Германците да избегнуваат собири во приватните домови.

Во Франција се затвораат сите ресторани и барови. Училиштата, фабриките и градилиштата продолжуваат со работа. Излегувањето од дома ќе биде дозволено само за работа, посета на лекар, неопходно пазарување и едночасовна рекреација. Во Франција се забранети јавни собири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.