Граѓаните на Германија од денеска ќе имаат можност да ја добијат својата возачка дозвола во дигитална форма на нивниот телефон, што за нив ќе претставува предност пред се при изнајмување автомобил или користење услуги на кар-шеринг.

За дозволата да биде вчитана во телефонот, потребно е да се користи посебна мобилна апликација. Ова е само почетокот на дигиталната возачка дозвола. Понатаму ќе се воведуваат дополнителни можности и примени.

Дигиталната возачка дозвола пристигна.Техниката е пуштена, останува уште примената. Дигиталната возачка дозвола има потенцијал за значително да го олесни секојдневието на возачите на автомобил. Повеќе нема потреба од сложени видео-проверки на дозволата. Од вчитувањето на апликацијата до поаѓањето останува само едно притискање на дигиталната возачка дозвола – изјави германскиот сојузен министер за сообраќај, Андреас Шоер.

До документот се пристапува преку апликацијата „ID Wallet“ (дигитален паричник). Дигиталниот документ е развиен од Министерството за сообраќај во соработка со Сојузната служба за моторен сообраќај и Сојузната печатница. Во првиот чекор ќе може возачката дозвола да се вчита во телефонот. Дигиталната возачка дозвола се издава врз основа на податоците од централниот регистар на Сојузната служба за моторен сообраќај.

Како што информираат од Министерството, моментно се соработува со БМВ и „Сикст“ (Sixt) во изработка на апликации за користење на дигиталната возачка дозвола, што се очекува да стартуваат со примена во следните месеци. Понатаму ќе се збогатува обемот на функциите на дигиталната возачка дозвола, сé додека не се постигне целосна важност, исто како за класичната дозвола во форма на картичка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.