Група активен француски воен персонал објави ново отворено писмо до претседателот на земјата, Емануел Макрон, во кое го предупредува дека во земјата се подготвува граѓанска војна по сите отстапки што тој ги направи кон исламизмот, пренесува РТ.

Писмото, објавено во конзервативниот магазин „Валер актуел“ доцна синоќа, има сличен тон со пораката објавена од истиот магазин минатиот месец. За разлика од претходното писмо кое го потпишаа 25 пензионирани генерали и активни војници, новото писмо е анонимно и е отворено за потпишување од пошироката јавност.

До пладне денеска, писмото го потпишале повеќе од 100.000 луѓе.

Авторите на писмото се опишуваат себеси како активни француски војници, кои ѝ припаѓаат на помладата генерација на војската што видела вистинска борба во изминатите години.

Ние сме она што весниците го нарекоа „ огнена генерација“. Мажи и жени, активни војници, од сите армии и од сите редови, со секакви мислења, сите ја сакаме нашата земја. Ние не бараме слава. Законски не смееме да го изразиме нашето мислење со откриено лице, но не можеме ни да молчиме, се вели во писмото.

Во писмото се обвинува претседателот Макрон дека направил отстапки во корист на исламизмот на француско тло, додека француската војска ја пролева својата крв за да се бори против него во Авганистан, Мали, Централноафриканската Република или на други места.

Авторите исто така посочуваат дека некои од нив учествувале во домашната операција „Сентинел“, почната по разорните терористички напади на „Шарли Ебдо“ во 2015 година, и биле сведоци на одредени етнорелигиски заедници во Франција кои се целосно одвоени од остатокот на земјата.

За ваквите заедници, Франција не значи ништо друго освен предмет на сарказам, презир или дури и омраза, се вели во писмото.

Како и претходното писмо, и ова ново писмо ги предупредува властите на републиката за претстојната граѓанска војна и дека е доведено во прашање самото постоење на Франција.

Во Франција се подготвува граѓанска војна и вие тоа добро го знаете, се вели во писмото.

Авторите на писмото, исто така, изразија силна поддршка за потписниците на првото писмо и остро го критикуваа одговорот на владата на истото.

Мораш да бидеш перверзен за да ги охрабруваш високите офицери на армијата да заземат став и да се експонираат, а потоа бесно да ги санкционираш веднаш штом ќе напишат нешто друго освен извештаи за битки, се вели во писмото.

Првото писмо, објавено на 21 април – на 60-годишнината од неуспешниот државен удар против генералот Шарл де Гол поради неговата поддршка за независноста на Алжир – предизвика бура кај највисоките претставници на Франција. Премиерот Жан Кастекс ја нарече пораката „иницијатива против сите наши републикански принципи, честа и должноста на армијата“, а армијата вети дека ќе ги казни активните потписници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.