Христовото рождество дочекано без вообичаената предбожикна атмосфера, без песните на коледарчињата, без бадниковите поворки, без традиционалното палење огнови, во согласност со препораките на властите за спречување на ширење на коронавирусот.

Имаше и по некое прекршување на наредбите, но тие беа малку за да го нарушат редот и мирот воспоставен на целата територија на државата за доброто на сите, за зачувување на здравјето на граѓаните.

Во црквите, сепак, не изостана празничната атмосфера. Храмовите украсени во божикно руво, подготвени да ги пречекаат верниците и да го прослават Христовото раѓање. Витлеемската пештера, која го симболизира местото каде што се родил Богомладенецот, стана вообичаен декор во црквите. Таа воедно е и потсетување дека не е случајно тоа што Спасителот се родил во овчарска пештера, што пак, е само еден од предзнаците на неговото крајно смирение и отсуството на секаква суета и надменост.

На овој голем христијански празник, молитвите на верниците насочени кон Господ беа во насока тој да помогне во ставање крај на пандемијата, која однесе многу животи низ светот.

Со маски на лицата, на одредено растојание, задлабочени во литургијата, во исчекување на објавата на Христовото раѓање и причестувањето со Светите Христови тајни. Таква беше сликата за овој Божик во црквите.

Г.г Стефан: Пандемијата покажала колку човекот е немоќен, како и дека е потребно враќање на љубовта кон Бога

Во своето божиќното обраќање поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, истакна оти пандемијата покажала колку човекот е немоќен, како и дека е потребно враќање на љубовта кон Бога.

– Состојбата која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да Го љубат Бога и да ги љубат луѓето. Возљубени Христољупци, покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата. Годината пред нас нека биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, нека биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест, порача архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Но, покрај пандемијата со Ковид-19, во светот владее и друг вид пандемија, ширење на дезинформации за непостоење на вирусот, за неговата безопасност, за штетноста на вакцината и многу други теории на заговор. Неретко, невистини се шират и од верници и од црковни лица, кои одбиваат да носат заштитни маски, верувајќи дека Господ ќе ги заштити. Но, во Евангелието според Матеј запишани се и зборовите на Иусу Христос: „Не искушувај го Господ твојот Бог“.

Патријарх Вартоломеј: Неприфатливо е да се негира стварноста на пандемијата на Ковид-19

Токму ширењето на лажни вести, беше причината верските лидери во своите божиќни посланија да се осврнат и на овој проблем.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервју за атинскиот весник „То Вима“ истакна дека пандемијата го промени социјалниот живот, нашето секојдневие, нашето учество во животот на Црквата и целиот овој период нè трогнуваат страдањата на безброј ближни луѓе и ни остава впечаток самопожртвуваноста на лекарите и болничарите, па затоа е неприфатливо, наспроти толку жртви и толкава болка, да постојат луѓе кои ја негираат стварноста на пандемијата, сметајќи дека таа е творба на некакви кругови.

– Уште повеќе провокативно е кога таквите ставови се изразуваат од страна на христијани, често и од клирици. Тие не се грижат за заштитата на ближниот човек. Отфрлањето на маската и на сите мерки за заштита не доаѓа едноставно од незнаење, туку од умртвување на љубовта внатре во нив. Кога науката отвора благопријатни перспективи за иднината на човештвото, таа претставува дар од небото. Нормално е дека не е засегната нашата вера тогаш кога ги следиме упатствата на стручните. Ниту ограничувањето на учеството во богослужбите го намалува значењето на храмот и на она што во него се извршува за животот на верниците. Заштитните мерки не се насочени против Црквата. Тие ги заштитуваат верниците, кои, како и сите други, еднакво се изложени на вирусот, нагласува патријархот.

Тој потенцира дека ќе се вакцинира против коронавирусот, бидејќи како што вели тоа му го налага и неговата возраст.

Рускиот патријарх Кирил: Неверувањето во пандемијата е опасно колку и неверувањето во Господ

Слични пораки како вселенскиот патријарх Вартоломеј упатија и други великодостојници.

– Неверувањето во пандемијата на коронавирусот и непочитувањето на мерките на претпазливост се исто толку опасни колку и неверувањето во Господ, изјави рускиот патријарх Кирил, повикувајќи да се следат сите анти-епидемиолошки мерки.

– Многу е опасно кога луѓето не веруваат во Бога, тоа е смртоносно опасно. Тоа е исто толку опасно како кога луѓето, кои не веруваат во ширење на инфекцијата, не се штитат од неа, рече патријархот Кирил во божиќната беседа.

Тој посочи дека само обична небрежност за време на пандемија може да предизвика појава на болеста.

– Значи, ве повикувам сите, драги мои, да дејствувате во согласност со овие барања на модерната медицина за сите нас денес, за целото човештво. Сите овие барања и препораки не смеат да се игнорираат, рече патријархот на Москва и на цела Русија.

Поглаварот на Руската православна црква исто така ги повика верниците да не забораваат да преземат мерки на претпазливост при посета на црквите и да обрнат внимание на нивното семејство за време на пандемија.

Во Србија и Црна Гора-празнување на Божик со почитување на мерките за заштита

Ковид-19 ги принуди православните земји да најдат соодветни одбранбени механизми за време на божикните празници против ширењето на вирусот.

Во божиќната порака објавена на 5 јануари, Српската православна црква ги повика верниците да се придржуваат кон мерките во борбата против коронавирусот, наведувајќи дека тие „не покажуваат отсуство на вера, туку почитување на светоста на животот“. Српската православна црква ги нарече здравствените работници „Божји деца“ затоа што тие несебично се жртвуваат лекувајќи болни.

Во Србија не изостана палењето бадникарски огнови, но со многу помал број верници во однос на претходните години.

На палењето на бадникарски оган, пред храмот Свети Сава во Белград присуствуваше и Митрополитот Хризостом, кој по смртта на патријархот Иринеј претседава со Синодот на СПЦ.

Србите и Црногорците во оваа пандемија изгубија двајца духовни лидери, српскиот патријарх Иринеј и митрополитот црногорски-приморски Амфилохие. Двајцата починаа како последица на компликации предизвикани од Ковид-19.

Православните верници во Црна Гора годинава, како и претходните години, ќе ги прослават Бадник и Божиќ, поделени на оние кои ја поддржуваат Митрополијата црногорско-приморска на Српската православна црква (СПЦ) и поддржувачи на Црногорската православна црква (ЦПЦ).

Поради сложената епидемиолошка состојба, Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора нема да организира масовни собири за Божиќ, а верниците го прославија Бадник дома.

Но, храмовите ќе бидат отворени цел ден, со почитување на епидемиолошките мерки и минимално задржување во црквите.

Централната прослава во Москва се одржа во храмот Христос Спасителот.

Поради пандемијата на коронавирусот, во храмот овој Божик можеше да се влезе само со покана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.