Белгиските здравствени власти соопштија дека се констатира стабилизација на состојбата со пандемијата од ковид-19, но дека е сѐ уште рано за да се носат заклучоци, строгите мерките остануваа на сила уште неколку недели, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Во последните 24 часа во Белгија се примени 420 лица во болница со симптоми на коронавирус, а 235 ја напуштиле болницата, вкупниот број хоспитализирани изнесува 5.840.

На интензивна нега се наоѓаат 1.257 лица, што претставува намалување од четири лица, а на респираторни машини се приклучени 986 лица, што претставува намалување од единаесет лица во последните 24 часа, соопштија властите.

Од вчера се починати 185 лица, вкупниот број умрени од почетокот на пандемијата сега изнесува 1.632 лица во Белгија.

Осумдесет отсто од смртните случаи имаат потврдена дијагноза на ковид-19, додека дваесет отсто од случаите се лица починати надвор од болничките структури и за нив постои сомнеж дека биле заразени од овој вирус, но тоа не е потврдено лабораториски, информираа од кризниот штаб за коронавирусот.

Некои од индикаторите се подобруваат или се стабилизираат, пред сѐ бројките на хоспитализација и интензивна нега, сакаме да го привлечеме вашето внимание на фактот дека ова може да е “викенд ефект“, но генерално одиме кон стабилизација, сепак апсолутно е задолжително да се задржат досегашните напори, треба да се издржи уште неколку недели за да се вратиме на прифатливо ниво за болниците, кои сѐ уште се оптоварени – изјави Емануел Андре од кризниот штаб.

Вонредните мерки во Белгија важат секој ден и цел ден. Забрането е излегување од дома доколку тоа не е неопходно како пазарење, прошетка близу до дома и не повеќе од еден час, а сите кои можат да работат дома мораат тоа да го сторат.

Мерките важат до 18 април најрано, по што властите ќе одлучат дали е потребно продолжување до трети мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.