Само 1,19 проценти од населението во Африка е целосно вакцинирано против коронавирусот, што претставува мала бројка што ги загрижува експертите бидејќи континентот во моментов е зафатен од третиот бран на заразата, јави ДПА.

Тоа е прениско ниво на вакцинирани во овој момент на пандемијата, изјави денеска директорот на ЦДЦ за Африка, Џон Нкенгасонг.

Актуелниот раст на инфекциите најмногу се должи на многу позаразната делта варијанта на вирусот, која досега е откриена во 15 африкански земји, додава германската агенција.

Во последните седум дена, до 4 јули, континентот ја регистрираше најлошата недела од почетокот на пандемијата, наведува регионалниот директор на Светската здравствена организација, Матшидисо Моети.

Од почетокот на третиот бран на „Црниот континент“, во мај, бројот на случаи се зголемува седум недели по ред. Минатата недела беа пријавени над 251. 000 нови инфекции, што е зголемување за 20 проценти во однос на претходната недела, пренесува ДПА.

Бројот на нови случаи се зголемува во 16 африкански земји, рече Моети од СЗО, предупредувајќи дека „најлошото се уште не е дојдено“ и дека Африка е соочена со уште неколку недели пред да го регистрира намалувањето на инфекциите.

Во Африка досега се регистрирани вкупно над 5,7 милиони инфекции, наведува африканскиот ЦДЦ, а над 148.000 од нив завршиле со фатален епилог. Меѓутоа, експертите сметаат дека бројот на непријавени случаи е веројатно многу поголем на овој континент со население од 1,3 милијарди лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.