Минатиот петок американскиот претседател Доналд Трамп имаше долг телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. По разговорот, Трамп реши да ги отфрли ставовите на неговите советници и нареди повлекување на американските војници од Сирија, како и крај на бомбардирањето на оваа земја.
Ова е првиот случај Трамп да заземе решителен став против групата постојани неоконзервативни и интервенционистички советници, таканеречните Борги, кои се распоредени во Белата куќа, во армијата и во Конгресот, и оттаму ја диктираат американската надворешна политика.

Трамп донесе одлука, не попушти под притисокот, и со тоа конечно стана вистински претседател.

Неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон, секретарот за одбрана Џејмс „Лудото Куче“ Метис и државниот секретар Мајк Помпео беа против ваквата идеја. Специјалниот пратеник за Сирија, пореметениот Џејмс Џефри и специјалниот пратеник во глобалната коалиција за борба против ИСИС Брет Мекгурк се најдоа затечени. Нивната цел беше САД да имаат постојано воено присуство во курдската парадржавичка на северот на Сирија.

Овие луѓе се обидоа да го предомислат Трамп, но нивниот отпор сега престана.

Секретарот за одбрана Џејмс Метис, државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност Џон Болтон се сретнаа во понеделникот, кога Трамп најави дека САД ќе се повлечат од Сирија. Повеќе други функционери се спротиставуваа на брзото повлекување на САД од регионот, но до вторникот вечер се откажаа од идејата да го предомислуваат Трамп. Истиот ден американските претставници почнаа да ги информираат сојузничките земји за одлуката на Трамп. Отпорот од Секретаријот за одбрана, од Стејт Департментот и од Советот за национална безбедност престана во вторникот, ни изјави регионален експерт за безбедност кој се консултирa со американската администрација.

Неоконзервативниот проект за формирање на курдска парадржава во североисточна Сирија беше осуден на пропаст од самиот почеток. Американската поддршка за формирање на курдска државичка во Сирија стана најсериозниот безбедносен проблем за Турција. Колку и Турција да се обидува да воспостави безбедна зона на границата, нејзините напори ќе бидат попуст дококлу САД продолжат со своето воено присуство во оваа област и со снабдувањето и вооружувањето на курдските „граничари“, кои потоа ќе можат да се уфрлаат во ранливата југоисточна Турција. Се додека САД не се откажат од овој проект, Турција ќе продолжи да врши притисок против неговото реализирање – и тоа со сила ако мора.

„Турскиот народ ја поддржува борбата против курдските сили и нивните американски сојузници, и е подготвен да плати цена и да оди до крај. Водачите на курската група ЈПК се несериозни во нивните барања и ја преценуваат нивната политичка положба. САД не може да ги има и Турција и курдската парадржава како свои сојузници. САД мора да одберат“.

Трамп никогаш не сакаше овој проект да се реализира. Од самиот почеток тој сакаше да прогласи победа против ИСИС и да го напушти регионот. Но, „Боргите“ се обидоа да го спречат во ова.

Сепак, САД имаат поголеми геополитички проблеми во регионот од оовј. Трамп знае дека „американскиот миг“, периодот по Студената војна и падот на Советскиот Сојуз во кој САД можеа еднострано да му диктираат на светот како единствената суперсила, веќе е поминат. Русија се враќа, а Кина е во подем. Трамп се обидува да се прилагоди на период во кој силата на САД се намалува поради глобализацијата која и дозволи на Кина да се крене преку ноќ. Трамп се надева дека ќе може да го подели светот на две сфери на влијание. Тие ќе бидат одделни една од друга, политички, економски, технолошки и воено.

евероистокот на Сирија е спореден фронт во оваа нова голема игра, и за него не вреди да се вложува прекумерен ангажман. Далеку поголемата Турција, која преку НАТО е сојузник на САД повеќе од 70 години, е далеку поважна од курдската Сирија. Ако Трамп не стори нешто да го спречи овој неоконзервативен проект, и не ги повлече американските сили од Сирија, ризикува да ја загуби Турција.

„Ако го погледнеме светот од гледна точка на Ердоган, за него е многу привлечна идејата да се повлече од НАТО и да се приклучи на нов сојуз со Русија, Кина и Иран. Доколку САД не ја сменат својата политика и ако не престанат да се глупираат со Курите, Турција ќе продолжи да се оддалечува од ова старо сојузништво. Турската армија досега спречуваше повлекување од НАТО, но дури и најголемтие противници на Ердоган во офицерскиот кадар сега се на негова страна“.

Доколку САД и дадат вистинска понуда на Турција и се прилагодат на својата нова положба во светот, би можеле да ја убедат Турција да се врати во таборот на НАТО. Дали Белата куќа на Трамп може да се спротистави на про-израелските и про-курдските коментатори и да се фокусира на реал-политиката?

Ако не, тогаш вистинското прашање кое ќе мора наскоро да си го поставиме ќе биде биде „како ја загубивме Турција?“

Трамп реши да ја неутрализа опасноста Турција да го напушти НАТО и подлабоко да се поврзе со Русија, Кина и Иран. Ова е поважно од глупирањето во маргинални блискоисточни прашања. Трамп ја направи вистинската одлука.

Курдската државичка исто така доведе до конфликт меѓу Европската команда на САД (ЕУКОМ) и Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ). Турција и Израел се под ЕУКОМ, а Блискиот Исток и Западна Азија се под контрола на ЦЕНТКОМ. Во текот на 2018 година, ЕУКОМ се погласно протестираше против плановите на ЦЕНТКОМ во Сирија.


„Генералот Куртис Скапароти, командант на ЕУКОМ и врховен командант на САД за Европа, се сретна со секретарот Метис за да изрази загриженост за тензиите во американско-турските односи, а слична загриженост изрази и на средби со генералот Џозеф Вотел, кој е командант на ЦЕНТКОМ“.

Во ЕУКОМ беа загрижени дека разочараната Турција навистина ќе реши да се приближи до Русија и, конечно, да го напушти НАТО. По најновиот развој на настаните, ова е помалку веројатно дека ќе се случи (од 1991 година ЦЕНТКОМ има голема и важна улога во американската надворешна политика, и секретарот Метис е човек на ЦЕНТКОМ).

Но, надежите дека Турција ќе ги прекрати своите односи со Русија и со Иран исто така се нереали. Турција е зависна од руски и ирански гас, како и од пристап до нивните пазари. По неуспешниот државен удар против него, Ердоган изјави дека веќе не може да им верува на Американците. Дополнително, тој има повеќе флексибилност и влијание доколку варира меѓу двата блока, и ги натера и едниот и другиот блок да се борат за неговата наклонетост. Ердоган ќе продолжи да осцилира и да бара да добие максимално добри услови од двете страни.

Како што вели Крег Мареј, неоконзервативниот и про-израелски блок во американската надворешна политика се обидува да постигне поделби меѓу арапските народи и дестабилизација на Блискиот Исток, надевајќи се дека така Израел ќе биде најбезбеден, а западните компании ќе имаат најлесен пристап до нафтата и гасот во овој регион.
Неоконзервативците и интервенционистите ја припуштија својата шанса кога се обидоа да го искористат привременото присуство на САД во Сирија за да го убедат Трамп дека е време за конфликт со Иран. Џејмс Џефри и неговиот помошник Џоел Рејбурн велеа дека САД не можат да се повлечат од Сирија се додека од таму не се повлече и последниот ирански војник. Луѓето околу Трамп, како Болтон, Рејбурн и Џефри само си ја отежнуваат положбата кога поставуваат невозможни услови за повлекување од Сирија, со што практично се залагаат за неограничено воено присуство на САД во оваа земја.

Но, иранското воено присуство во Сирија веќе е прилично мало. „Експертот за Иран Џон Ален Геј вели дека потегот на Трамп да се повлече од Сирија го потврдува тоа што веќе подолго време беше јасно и општо позанто, дека присуството во оваа земја се претвора во интервенционизам и во подготовка за напад врз Иран. Не само што мисијата непотребно се одолговлекува, туку и се злоупторебува од по-агресивните советници во адинистрацијата кои сакаат да се пресметаат со Иран. А сепак, маткање на неколку илјади американски војници распоредени меѓу турската армија од една страна, а Иранците, Русите и Сиријците од друга, не прави ништо за да се намали регионалното влијание на Иран, и само ги изложува на непотребни ризици“.

Американскиот Стејт Департмент веќе ги повлекува своите луѓе од Сириај. Меѓу 4.000 и 5.000 американски воени советници сега имаат рок од 60 до 100 дена (30 дена спроед некои извори) да се спакуваат и да си заминат.
Американците ќе се координираат со Русија за примопредавањето на регионот. Руски советници ќе ги заменат американските Зелени беретки кои сега командуваат со курдски и арапски сили во борбата против ИСИС. Русија ќе се обиде да ја разубеди Турција да не го напаѓа истокот на Сирија и ќе вети дека ќе ги разоружа курдските сили или ќе ги интегрира во сириската армија. Руското воено воздухопловство ќе го замени американското, кое моментално ги бомбардира околу позициите на ИСИС, кои имаат 2.000 исламисти по должината на реката Еуфрат.
Курдите во Сирија ќе мора да се помират со властите во Дамаск. Немаат каде да бегаат. Нивниот сон за автономија во Рохава ќе остане токму тоа – сон. Сирија ќе преживее само како централизирана држава. Таа никогаш нема да стане федерација. Локалните арапски племиња на североистокот веројатно ќе се обидат да му се одмаздат на бунтовното курдско раководство кое под американски притисок се обиде да ги мобилизира нивните синови за борба против ИСИС. Раководството на ЈПК веројатно ќе побегне во северен Иран и ќе се скрие кај нивните соoбраќа во планината Кандил.

Сириската армија планира следната пролет да ја отстрани Ал каеда од областа Идлиб, но сега ќе мора да пренасочи дел од своите сили кон североистокот. Изолирањето на ИСИС долж реката Еуфрат, на границата со Ирак, и конечно нејзино елиминирање ќе стане нов приоритет. Уште една важна задача ќе биде да ги врати назад наоѓалиштата на нафта и гас.

Многу сега зависи од тоа колку умешно Русија и Иран ќе се постават кон Турција. Со повлекувањето на САД, и со намалувањето на опасноста од создавање на курдска држава во Сирија, многумина се надеваат дека Русија и Иран ќе успеат да го убедат Ердоган да се откаже од планот за инвазија врз Сирија.

Освежувачки е да се види дека Трамп успеа да се ослободи од влијанието на „Боргите“. Со повлекувањето од Сирија тој исполни и едно од неговите предизборни ветувања.

Гласачите кои го поддржаа Трамп ќе го поздрават овој потег. Да се надеваме дека тој ќе успее дополнително да го намали и влијанието на Саудиска Арабија и Израел врз американската политика.

За време на неговата кампања, Трамп се залагаше за подобрување на односите со Русија. Но, „Боргите“ го притиснаа и ја насочија неговата надворешна политика во спротивната насока. Со повлекувањето на САД од Сирија, има едно прашање помалку каде САД и Русија се на спротивните страни. Дали Трамп ќе успее да ја искористи оваа ново-откриена храброст и конечно да почне да работи на подобри односи со Русија?

Ова звучи малку веројатно. Но, одлуката во петокот беше навистина големо изненадување. Да видиме дали ќе следуваат и други изненадувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.