Државниот потсекретар на САД, Кит Крач ќе престојува во тридневна посета на Тајван, автономниот остров за кој Кина смета дека е нејзина територија.

Како што соопшти тајванското Министерство за надворешни работи, за време на посетата, Крач ќе се сретне со тајванската претседателка Цај Ингвен и други високи тајвански претставници.

Потсекретарот на Стејт департментот за раст, енергетика и животна средина е највисокиот службеник на таа институција кој го посетил Тајван во последните неколку децении. Односите меѓу САД и Тајван беа официјално прекинати во 1979 година, но тие се уште се одржуваат на неофицијално ниво. САД се најважниот сојузник на островот, пред се во снабдувањето со воена опрема.

Кина, која се спротивставува на сите официјални врски на островот со други земји, ја осуди посетата и предупреди дека може да возврати. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин изјави дека посетата на Крач ги крши американските обврски кон Кина и го зајакнува сепаратизмот на Тајван.

Пред оваа посета, американската амбасадорка во ОН, Кели Крафт се состана со шефот на Канцеларијата за економија и култура на Тајван во Њујорк, Џејмс Ли. Таа средбата ја нарече „историска“ и оцени дека тоа е уште еден чекор во кампањата на претседателот Доналд Трамп за зајакнување на односите со островот.

Американски медиуми наведуваат дека ова ќе ги продлабочи веќе постоечките тензии меѓу Вашингтон и Пекинг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.