Италијанската влада денеска ќе прогласи вонредна состојба поради природна катастрофа во Венеција, со цел што побрзо да мобилизира средства за да се избегне исчезнувањето на еден од најубавите градови во светот.

Малку пред полноќ нивото на морето запрело на 77 сантиметри, што е далеку од вчерашните 1,87 метри, кои не се видени веќе 53 години.

Катастрофата што ја погоди Венеција е удар во срцето на нашата земја. Тешко е да се гледа градот така погоден, неговото уметничко наследство кое е во опасност, комерцијалните активности на колена, рече премиерот Џузепе Конте, кој е во Венеција.

Процедура која ѝ дава на Владата „посебни овластувања и средства“

Попладне во Рим ќе се состане Владата на Италија за да прогласи вонредна состојба поради природна катастрофа за зоната Венеција, процедура која на Владата ѝ дава „посебни овластувања и средства“ за што поскоро да делува.

Подготвени сме да испратиме средства, рекол Конте, кој појаснил дека претходно ќе присустввуа на состанок на венецијанските власти за да ги утврдат штетите и можните решенија.

Порастот на нивото на морето во комбинација со ударите на силните ветришта и дождот го потопи речиси целиот град, односно 80%. Загина еден 70-годишен жител на градот од струен удар кога се обидувал да ја вклучи пумпата.

Прекин на струјата во целиот град

Морето превртувало гондоли, поплавени се дуќани, барови, ресторани, а во прекин е струјата во целиот град. Стотици туристи до хотелите газат во вода длабока и до колена и го напуштаат градот. Ангажирани се 160 пожарникари кои имале 400 интервенции.

Најлоша поплавата од 1966 година

Нивото на морето изнесувало 194 сантиметри во 1966 година и оваа поплава се смета за најлошата поплава во Венеција во поновата историја. Градот кој има 50.000 жители годишно пречекува околу 36 милиони туристи, од кои 90% се странци, но градот работи на нивно намлување, зашто животот во Венеција станува неподнослив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.