Велика Британија денеска одбележува една година откако првиот човек во светот, надвор од клиничките испитувања, ја прими вакцината против Ковид-19, развиена од Фајзер/БиоНТек, и ги повика луѓето да примат засилувачка доза веднаш штом ќе се укаже можност.

На 8 декември 2020 година, Маргарет Кинан, 90-годишна жена позната на пријателите како Меги, стана првата личност што ја прими вакцината по клиничкото одобрување, опишувајќи ја како „најдоброто нешто што некогаш се случило“.

Премиерот Борис Џонсон го истакна раниот успех на Велика Британија во вакцинацијата против Ковид-19 и рече дека тоа е причината зошто било можно повторно отворање на британската економија во јули.

Тој повика на нова вакцинација како дел од „бустер“ програмата поради загриженоста за варијантата омикрон, што го принуди повторно да ја воведе обврската за носење маски и ограничувања за патување.

Од првата доза на вакцина до денешен ден пред една година, нашата одлична вакцинација спаси стотици илјади животи, наведе Џонсон во соопштението.

Вакцините остануваат наша прва и најдобра линија на одбрана од вирусот – затоа најдобриот начин да продолжите да се заштитувате себе си и вашите најблиски е да ја поддржите програмата за вакцинација и да земете дополнителна доза веднаш штом ќе се појави прилика, вели тој.

Во Велика Британија досега се администрирани вкупно 120 милиони дози вакцини, било како прва, втора доза или како засилувач.

Научниците се загрижени дека варијантата омикрон би можела да биде позаразна од моментално доминантната делта варијанта и дека може да има мутации поврзани со пониска ефикасност на вакцината.

Министерот за здравство Саџид Џавид рече дека засилувачките дози треба да обезбедат добра заштита од сериозна инфекција дури и ако вакцините се помалку ефикасни против омикрон отколку против претходните варијанти.

Ние работиме без престан за да ја зајакнеме програмата за засилувачка доза за да ја максимизираме заштитата по појавата на варијантата омикрон – рече Џавид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.