Британскиот премиер Борис Џонсон на Генералното собрание ОН во Њујорк ќе соопшти дека Обединетото Кралство ќе го зголеми својот придонес кон Светската здравствена организација (СЗО) за 30 отсто, но и дека истовремено ќе побара нејзина реформа и ќе повикува на обновување на прекуграничната соработка.

Како што објавија британските медиуми, во снименото обраќање до Генералното собрание на ОН, Џонсон ќе посочи дека пандемијата на Ковид-19 ги зголемила трговските бариери.

По девет месеци борба против Ковид-19, во прашање беше доведен и самиот поим за меѓународна заедница. Ако не се обединиме и не го свртиме огнот кон заедничкиот непријател, сите ќе изгубиме. Сега е време човештвото да ги прескокне границите и да ги затвори тие грди пукнатини – пренесуваат британските медиуми делови од говорот на Џонсон, што им се доставени на медиумите.

Неговиот план предвидува глобална мрежа на истражувачки центри, поголем капацитет за производство на вакцини и договор за намалување на извозните тарифи воведени на почетокот на пандемијата.

Британскиот премиер конкретно ќе сооопшти дека Велика Британија во следните четири години за СЗО ќе одвои 340 милиони фунти, 30 проценти повеќе отколку во претходниот период.

Велика Британија, заедно со Франција и Германија, но со барање за реформа,ја поддржува СЗО,  која се соочи со критики за нејзиниот одговор на пандемијата на корона вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.