Според извештаите на медиумите, Италијанците претстојните велигденски празници ќе ги поминат во „блиндирана атмосфера“.

Министерството за внатрешни работи даде инструкции, а 70.000 полицајци ќе следат дали се почитуваат строгите мерки против коронавирусот.

Контролите се веќе засилени и оние кои ќе се најдат на улица без валидна причина плаќаат казна од 400 евра, пренесува агенцијата Анса.

За време на празниците дозволено е да се посети само едно семејство, но за разлика од годините пред пандемијата, нема излети во природа ниту големи семејни ручеци во рестораните.

Министерот за здравство Роберто Сперанца, во интервју за „Кориере дела сера“, не може да даде точен датум кога строгите ограничувања поради пандемијата со „Ковид-19“ ќе бидат олеснети или целосно укинати, но тој рече дека повеќето Италијанци ќе бидат вакцинирани до крајот на летото.

Во четвртокот беше постигнат рекорд по бројот на вкупно вакцинирани за еден ден, кога вкупно 280.000 лица примаа вакцини, но најголем проблем и натаму останува недостатокот на вакцини.

Во регионите Венето и Лацио, веќе закажаните вакцинации се одложени, бидејќи лекот недостасува.

Граѓаните протестираат затоа што поединци успеваат да се вакцинираат дури и надвор од пропишаниот редослед, направен според возраста.

На добро познатиот новинар Андре Сканци, кој е чест гостин во телевизиските емисии, и кој јавно се пофали дека го сторил тоа, му беше забранета соработката на телевизиите РАИ и Ла 7.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.