Ватикан донесе декрет во кој се вели дека Католичката црква не може да даде благослов за истополови заедници зашто, како што соопштија, „Бог не може да благослови грев.“

Канцеларијата за доктрина на Ватикан издаде формален одговор на прашањето дали Католичката црква може да благослови закви заедници.

Одговорот, кој има објаснување од две страници и е објавен на седум јазици и е одобрен од Папата Франциск, е негативен.

Декретот прави разлика меѓу црковното прифаќање и благословување на геј луѓето, кое се уште важи, но не и за истополовите заедници бидејќи нивното признавање би ги помешало со бракот.

Ватикан смета дека геј луѓето мора да бидат третирани со достоинство и почит, но и дека бракот е унија меѓу маж и жена која трае цел живот и која е дел од божјиот план чија цел е создавање на нов живот.

Бидејќи, геј заедниците, не можат да бидат дел од тој план, тие не можат да бидат благословени од Црквата, се наведува во документот.

„Присуството на позитивни елементи во тие врски, кои треба да бидат ценети и почитувани, не може да ги оправда и да ги направи легитимни за благослов зашто тие позитивни елементи постојат во контекст на заедница која не е дел од божјиот план“ се наведува во текстот.

Бог „не може и не благословува грев, тој благословува грешни луѓе за тие да можат да сфатат дека се дел од неговиот план и љубов и да дозволат да бидат променети од Него“ стои во текстот.

Папата Франциск се заложи геј двојките да добијат правна заштита во истополови заедници, но само во контекст на цивилната но не и црковната сфера. Овие коментари ги искажа во интервју за мексиканската телевизија Телевиса во 2019-та, но тие беа отстранети од Ватикан и се појавија во документарец објавен лани.

Иако контекстот не е јасен во документарецот, Франциск всушност зборува за ставот кој тој го зазел додека бил надбискуп на Буенос Аирес додека Аргентина разгледуваше дали да одобри истополови бракови, на кои тој и Католичката црква се спротивставија.

Франциск тогаш за Телевиса изјави „хомосексуалците имаат право да бидат во семејство, тие се деца на Бога.“ Зборувајќи за семејствата кои имаат геј деца тој рече „Не можете да протерате некој од семејството ниту да му го направите животот мизерен поради ова, треба да имаме закон за цивилни унии, на тој начин тие имаат правна заштита.“

Во новиот декрет Ватикан потенцира дека се прави „фундаментална разлика“ меѓу геј луѓето и геј заедниците и нотира дека „негативниот став кон благословување на заедницата на луѓе од ист пол не значи и осуда на самите луѓе.“

Во објаснувањето се вели и дека секоја заедница која вклучува сексуална активност надвор од бракот не може да биде благословена.

Во 2003-та Канцеларијата за доктрина на Ватикан издаден сличен декрет во кој се вели дека почитта на Црквата кон геј луѓето „не може да доведе до одобрување на хомосексуалното однесување ниту признавањето на истополови заедници.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.