Апел што е можно побргу да се постигне прекин на огнот и да запре војната и инвазијата, упати вселенскиот патријарх Вартоломеј за време на свечената литургија посветена на Неделата на православието и повика „инволвираните страни да седнат на масата на преговори и да му дадат шанса на дијалогот, јави дописничката на МИА од Атина.

На свечената литургија присуствуваше и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а вселенскиот патријарх истакна дека војната е прекршување на меѓународното право, „кое веќе е правото на мирот“.

Упатувам апел за итен прекин на огнот на сите фронтови на војната. Насилството и војната не само што не ги решаваат разликите, туку предизвикуваат болка и смрт и создаваат посложени проблеми. Треба веднаш, сега да прекине инвазијата и војната и да се даде нова шанса на дијалогот што во голема мера е средство на помирувањето и мирот, порача Вартоломеј.

Паралелно му се заблагодари на Мицотакис за позицијата што ја зазема за војната во Украина како и за испратената помош, додавајќи дека и тие како црква прават сè што можат за да помогнат.

Сите ние гледаме што се случува околу нас во срцето на Европа, како во 21 век започна и е во тек една неправедна војна, се пролева човечка крв, гинат луѓе, деца остануваат сираци, а жени вдовици, се уништуваат цели градови и села. Мислите и молитвите на сите нас се со нашите украински браќа сите овие денови, рече вселенскиот патријарх.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска е во еднодневна посета на Вселенската Патријаршија, каде што утрово присуствуваше на свечената литургија, а попладне ќе се сретне со вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Дополнително, ќе се сретне и со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, кој во претседателска резиденција во Истанбул, ќе организира ручек во чест на Мицотакис

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.