Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави дека вакцините за деца произведени од „Фајзер/Бионтек“ ќе бидат достапни во Европската Унија од 13 декември.

На прес-конференција посветена на текот на пандемијата и појавата на новата варијанта Омикрон, Фон дер Лајен порача дека смета оти во ЕУ треба да се одржи „дискусија“ за задолжителната вакцинација.

Според неа, ќе бидат потребни околу 100 дена за научната заедница да го приспособи одговорот на вакцината на новиот сој на вирусот.

Во врска со вакцините за деца, Фон дер Лајен изјави дека добила „добри вести“ од компанијата „Фајзер/Бионтек“.

Тие се во можност да го забрзаат производството. Со други зборови, вакцините за деца ќе бидат достапни од 13 декември – изјави Фон дер Лајен.

Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ) препорача децата на возраст од пет до 11 години да се вакцинираат против Ковид-19.

Центарот наведе дека приоритет треба да се даде на вакцинирање на деца со висок ризик од развој на тешки форми на болеста, но дека и децата без ризик фактори можат да развијат и потешки форми и да бидат хоспитализирани, поради што сите деца на таа возраст треба да бидат вакцинирани.

Од центарот истакнаа дека уделот на хоспитализација на деца на возраст од пет до 11 години со Ковид расте, како и за сите други возрасни групи, но останува на многу пониско ниво отколку кај возрасните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.