Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека првите вакцинации на граѓани на Европската Унија ќе бидат извршени против Ковид-19 пред крајот на декември оваа година.

Во својот говор пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен предупреди дека и покрај „светлото на крајот од тунелот“, не смее да има брзо олеснување на мерките воведени против ширење на корона вирусот.

Ситуацијата со пандемијата и натаму е сериозна. Со речиси 3.000 смртни случаи на ден, Ковид-19 беше причина број еден за смрт во ЕУ минатата недела. Болниците се уште се под притисок, знам дека сопствениците на продавници и угостителите сакаат да се укинат ограничувањата, но не смееме да ги повторуваме истите грешки. Премногу брзо и премногу релаксирање е ризик за трет бран по Божиќ – изјави Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека овој Божиќ во ЕУ ќе биде поинаков и потивок, но дека има и добри вести.

Европската комисија досега обезбеди договори со шест компании. Првите европски граѓани би можеле да бидат вакцинирани пред крајот на декември. Светлото е конечно на крајот на тунелот – изјави Фон дер Лајен.

Таа ги повика земјите-членки веднаш да подготват логистика за распоредување на милиони дози вакцини, вклучувајќи милиони шприцеви, ладилници, организација на центри за вакцинација и обука на персоналот. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.