Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека целата клучна инфраструктура во градот Северодоњецк во областа Луганск е уништена во руското гранатирање.

Тој тврди дека заземањето на градот е „главна цел“ на Русија.

– Како резултат на руските напади на Северодоњецк, уништена е целата клучна инфраструктура на градот, истакна Зеленски.

Украинските власти претходно соопштија дека украинските сили денеска биле погодени од тежок артилериски напад додека се обидувале да ги спречат обидите на руските сили да го заземат Северодоњецк.

Според западните медиуми, тоа е најголемиот град кој се уште е под контрола на Киев во областа Луганск.

Од друга страна, лидерот на руската република Чеченија, Рамзан Кадиров, вчера изјави дека руските сили и силите на самопрогласената „Народна Република Луганск“ (ЛНР) презеле целосна контрола над Северодоњецк.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.