Изминаа 18 месеци од почетокот на епидемијата на ковид-19, а образованието за милиони деца сè уште е нарушено. Заклучно со денеска, затворени се основни и средни училишта во 19 земји, факт што директно влијае на над 156 милиони ученици. Ова не треба да продолжи. Училиштата треба последни да се затворат, а први пак да се отворат, велат во заедничката изјава извршниот директор на УНИЦЕФ, Хенриета Фор и генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулај.

Во напорите да го ограничат ширењето на пандемијата, владите најчесто ги затвораа училиштата и ги држеа затворени подолго време, дури и кога епидемиолошката состојба не го оправдуваше тоа. Ваквите постапки честопати беа прво средство, наместо последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, додека баровите и рестораните остануваа отворени, се вели во изјавата.

Фор и Азулај сметаат дека загубите што ќе ги претрпат децата и младите од неодењето на училиште никогаш нема да бидат надоместени.

Почнувајќи од загуба на знаење, преку вознемиреност, изложеност на насилство и злоупотреба, па сè до пропуштени оброци и вакцинации во училиште или намален развој на социјални вештини, последиците по децата ќе се почувствуваат во нивните образовни резултати и општествен ангажман, како и по физичкото и менталното здравје. Често, најпогодени се децата во средини со недоволно средства, кои немаат пристап до алатки за далечинско учење, и најмалите деца кои се наоѓаат во клучните фази на развој – велат тие во заедничката изјава.

Загубите за родителите и за старателите, додаваат, се подеднакво големи.

Чувањето на децата дома ги принудува родителите низ светот да ги напуштат работните места, особено во земјите без или со ограничена политика за семејно отсуство.Токму затоа, повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство не смее да чека – велат тие.

Првите луѓе на УНИЦЕФ и ИНЕСКО велат дека не смее да се чека ковид-случаите да стигнат до нула и да се вакцинираат сите ученици и наставници, па да се отворат училиштата.

Во меѓувреме, ризикот од ширење на ковид-19 во училиштата може да се контролира со соодветни стратегии за ублажување во повеќето средини. Одлуката за отворање или затворање на училиштата треба да биде врз основа на анализа на ризикот и епидемиолошките согледувања во заедниците каде што се наоѓаат. Повторното отворање на училиштата не смее да чека да се вакцинираат сите наставници и ученици. Со оглед на тоа што општиот недостиг на вакцини ги мачи земјите со низок и среден приход, вакцинирањето на работниците од првите редови и оние во ризик од тешка болест и смрт ќе остане приоритет. Сите училишта треба што поскоро да обезбедат настава со физичко присуство, без бариери за пристап и без да налагаат вакцинација пред да се влезе в училиште – велат тие.

УНИЦЕФ и УНЕСКО ги повикуваатносителите на одлуки и владите да дадат приоритет на безбедно отворање на училиштата за да се избегне генерациска катастрофа.

Затворањето на училиштата ја става под залог нашата иднина за нејасни придобивки во сегашноста. Ние мора приоритетите да ги утврдиме подобро. Можеме и мораме безбедно да ги отвориме училиштата – се вели во зедничката изјава на првите луќе на двете организации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.