Унгарија повикува на итни мировни преговори за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија, предупредувајќи дека продолжениот конфликт ќе предизвика економска криза што ќе им се заканува на владите ширум Европа, пишува Фајненшл тајмс.

Што побрзиот прекин на огнот е единствената шанса на Европа да избегне рецесија – порача Балаш Орбан, политички директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан

Тој предвидува дека другите влади на ЕУ ќе престанат да даваат воена поддршка за Украина и ќе инсистираат на брз крај на конфликтот во следните неколку месеци. Истовремено, тој ги повика шефовите на влади на ЕУ „да се вразумат“.

Будимпешта долго време беше најблискиот партнер на Москва во ЕУ и предизвика фрустрација во Брисел од почетокот на војната поради нејзината неподготвеност да ги прекине сите врски со Русија и да му даде недвосмислена поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Унгарија не сака да создава проблеми, но… Некои од унгарските партнери во ЕУ беа премногу желни да се борат против рускиот претседател Владимир Путин, што го вовлекува континентот во криза – вели Балаш Орбан.

Тој предупредува дека треба да се размисли за таквата стратегија.

Тие сакаат војна по секоја цена и веруваат дека можат да го победат Путин, можат да го окупираат Кремљ и тоа е нивната цел. На почетокот на конфликтот, барем во медиумите, тоа беше заедничко мислење. Но, би се обложил дека за четири месеци ќе има повеќе рационалност – вели Орбан.

Тој истакнува дека Унгарија не сака да создава проблеми.

Но, ако се обидете да се вклучите во политиката без да ја гледате реалноста околу вас, едноставно ќе ја изгубите довербата на луѓето. Застрашувачки е што во моментов нема искрени дискусии за актуелната состојба. Нашите главни цели треба да бидат преговори и прекин на огнот во наредните месеци – заклучува тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.