Унгарија стана првата земја-членка на Европската Унија којашто ја одобри кинеската вакцина против Ковид-19 од производителот „Синофарм“. Мината недела, Унгарија стана првата земја во ЕУ, која што ја одобри и набави руската вакцина „Спутник 5“.

Откако е одобрена употребата на кинеската вакцина, унгарскиот премиер, Виктор Орбан, најави дека веднаш може да се потпише договор за купување на првите дози од вакцината.

Тој исто така соопшти дека неговата влада внимателно ги следи резултатите од масовната вакцинација со кинеската вакцина во Србија.

Според неговите зборови, Орбан најпрво би ја избрал токму кинеската вакцина затоа што најмногу и верувал.

Агенцијата за лекови („OGYEI“) издаде лиценца за употреба на вакцината од „Синофарм“ и по „Фајзер“, „Модерна“, „Астразенека“ и „Спутник 5“, сега можеме да сметаме и на оваа вакцина – изјави Сесилија Мулер, претставник на здравствените власти.

Според најавите, првата пратка може да содржи до милион дози вакцини.

Унгарија кон крајот на декември доби 6.000 дози од руската вакцина против корона вирусот што беше оценето како чекор без преседан во ЕУ.

Но, веќе на 5 јануари германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за поблиска соработка за справување со пандемијата, вклучително и за можноста за заедничко производство на вакцини.

Во Унгарија, земја со 10 милиони жители, од почетокот на епидемијата досега се пријавени 364.909 случаи на инфекција, а починале 12.374 лица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.