Полска и Унгарија се согласиле на компромис со Германија за деблокирање на буџетот на Европската унија од 2,2 трилиони долари.

Како што пишува „Блумберг“, компромисот би ставил крај на застојот, откако Будимпешта и Варшава се заканија дека ќе го стопираат фондот на ЕУ за помош во врска со пандемијата, кој е во вредност од 750 милијарди евра и буџетот за периодот 2021-2027 година, поради тоа што Полска и Унгарија не се согласуваат одобрувањето на средствата да зависи од владеењето на правото во секоја земја-членка.

Полскиот вицепремиер Јарослав Говин соопштил дека е склучен договор со Германија, која е ротирачки претседател на ЕУ, а тој договор сега ќе биде претставен на остатокот од Унијата.

Договорот може да биде финализиран до петок, односно до крајот на дводневниот самит на европските лидери во Брисел. Засега имаме договор меѓу Варшава, Будимпешта и Берлин. Верувам дека овој договор ќе ги вклучи и преостанати 24 европски престолнини – изјавил Говин, кој е најголемиот заговорник во владата на Полска за земјата да се откаже од заканата за вето.

Германска портпаролка , пак, сепак изјавила дека сè уште не е постигнато конечно решение и сите земји-членки ќе треба да се согласат на договорот, пренесува „Блумберг“.

Потврда дека е постигнат договор има и од унгарски официјален претставник, кој побарал да биде неименуван. Според „Блумберг“ дипломатот изјавил дека официјалните лица чекаат конечна потврда дека е постигнат договор.

Говин одби да навлезе во детали за договорот, велејќи само дека со него се обезбедува суверентитетот на Полска и обединетоста на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.