Новата претседателка на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен денеска го номинира Унгарецот, Ласло Трошањи за нов комесар за соседство и проширување на Европска Унија.

Трошањи (63) е адвокат, поранешен судија, дипломат и универзитетски професор, а специјалност му е уставно европско и компаративно право. Тој од 2019 година е член на Европскиот Парламент, од владејачката партија во Унгарија, Фидес.

Претходно, Трошањи од 2014 до 2019 година беше министер за правда на Унгарија.

Тој во периодот од 2000 до 2004 година беше амбасадор на Унгарија во Белгија и Луксембург, а од 2010 до 2014 година беше амбасадор во Франција. Трошањи беше заменик член на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2005 до 2013 година и член на Уставниот суд на Унгарија од 2007 до 2010 година.

Трошањи е професор на Универзитетот во Сегедин.

Тој е роден во 1956 година во Будимпешта, а во 1980 година заврши Факултет по право и политички науки Трошањи е оженет и татко на три деца.

Урсула фон дер Лајен денеска ги презентираше своите предлози за новиот состав на Еврокомисијата. Кандидатите ќе бидат сослушани од страна на европратениците во наредните недели.

Претстои списокот да биде објавен во Службениот весник на ЕУ. Со тоа процедурата преминува во Европскиот парламент, каде ќе се гласа за номинираните еврокомесари, кои би требало да стапат на должност на 1 ноември со мандат до 31 октомври 2024 година.

Идни еврокомесари ќе бидат: Јоханес Хан (Австрија), Дидие Рејндерс (Белгија), Марија Габриел (Бугарија), Дубравка Шуица (Хрватска), Стела Кириакидис (Кипар), Вера Јурова (Чешка), Маргрете Вестагер (Данска), Кадри Симсон (Естонија), Јута Урпилајнен (Финска),
Силви Гулар (Франција), Маргаритис Схинас (Грција), Ласло Трочањи (Унгарија), Фил Хоган (Ирска), Паоло Џентилони (Италија), Валдис Домбровскис (Летонија), Виргиниус Синкјавичјус (Литванија), Никола Шмит (Луксембург), Хелена Дали (Малта), Франс Тимерманс (Холандија), Јануш Војчеховски (Полска), Елиза Фереира (Португалија), Рована Плумб (Романија), Марош Шефчович (Словачка), Јанез Ленарчич (Словенија), Жилва Јохансон (Шведска), Жозеп Борел (Шпанија), предложен претходно од ЕУ за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Во новата Европска комисија ќе има 13 жени и 14 мажи, меѓу кои осуммина досегашни еврокомесари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.