Насилството врз новинарите што известуваат за протестите ширум светот е драматично зголемено, а главните сторители се полицајци и безбедносни сили, објави УНЕСКО во понеделникот, пренесува Хина.

Агенцијата на ОН меѓу јануари и јуни забележала 21 протест во кој новинарите биле нападнати, апсени или убиени, се вели во извештајот.

Најмалку десет новинари биле убиени помеѓу 2015 и средината на 2020 година, а 125 биле нападнати или уапсени, според извештајот кој опфаќа 65 земји.

Убиените новинари работеле во Сирија, Мексико, Израел, Никарагва, Северна Ирска, Нигерија и Ирак.

Генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азул ги повика владите да осигурат дека новинарите можат да ја вршат својата работа без страв за сопствената безбедност.

Новинарите имаат клучна улога во известувањето и информирањето на граѓаните за протестите, рече таа во изјавата и ја повика меѓународната заедница и сите релевантни институции да обезбедат почитување на овие основни права.

УНЕСКО вели дека причините за протестите се економска нееднаквост, корупција, кршење на политичките слободи, растечки авторитаризам, па затоа некои влади не се заинтересирани за објективно известување.

ОН изразија загриженост во неколку резолуции за непријателската реторика на политичките лидери против новинарите, рече Азуле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.