Улицата на која во Вашингтон се наоѓа амбасадата на Саудиска Арабија ќе биде преименувана со името на Џамал Кашоги, во чест на саудискиот новинар, кој на брутален начин беше убиен од саудиски платеници во Турција.

Градските советниците во Вашингтон ја изгласаа оваа иницијатива, со која дел од улицата Њу Хемпшир, каде што се наоѓаат саудиската амбасада и хотелот Вотергејт, се преименува во Џамал ​​Кашоги.

Кашоги, кој важеше за критичар на саудиската Влада, а кој живееше во САД и работеше за „Вашингтон пост“, беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул од група платеници од саудиската монархија. Неговото распарчено тело никогаш не беше пронајдено.

Извештај на американската разузнавачка служба го обвинува саудискиот престолонаследник Мохамед бен Салман дека го одобрил атентатот.

Со именувањето на улицата каде се наоѓа амбасадата на Саудиска Арабија во чест на Џамал ​​Кашоги, Вашингтон крева споменик на неговиот спомен кој не може да се избрише – се наведува во соопштението на градското собрание на Вашингтон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.