Австриската влада ја продолжи епидемиолошката мерка за затворање на угостителски објекти, хотелите и културните институции до „околу Велигден“.

Како што соопшти австрискиот канцелар Себастијан Курц, на први март повторно ќе се анализира ситуацијата заедно со експерти, лидерите на провинциите и парламентарните партии.

Курц потенцира дека епидемиолошката состојба е сè уште стабилна и по олабавувањето на мерките, односно отворањето на сите продавници. Сепак, тој изјави дека британската мутација на корона вирусот се шири во источниот дел на земјата, додека јужноафриканската се повеќе ја има во Тирол.

Затоа, според него, потребно е да се биде многу внимателен и да се избегнуваат приватни контакти.

Ако сите не бидеме внимателни и не ги почитуваме мерките, наскоро повторно ќе бидеме во ситуација на експоненцијален раст – предупреди Курц.

Во исто време, Курц изрази надеж дека епидемиолошката состојба ќе се одржи под контрола преку масовно тестирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.