Четириесетгодишниот Хасан Ајсал од Турција е уапсен за убиството на неговата сопруга Семра Ајсал (32) и нивното неродено бебе. За време на нивниот одмор во Долината на пеперутките кај Мугла на истокот во Турција, тие позирале за „селфи“ на врвот на една карпа. Неколку моменти потоа Семра, која била во седмиот месец од бременоста, паднала во провалијата и загинала на лице место, а нејзиниот сопруг се сомничи дека ја турнал и убил.

Како што пренесуваат турските медиуми, во обвинението за намерно убиство се наведува дека Хасан Ајсал го планирал убиството на својата жена, откако во нејзино име склопил животно осигурување со гаранција од 400 илјади турски лири (повеќе од 47 илјади евра), чиј корисник бил само тој.

Обвинителите утврдиле брачниот пар поминал околу три часа на кобната карпа, со единствена цел Хасан да се осигура дека нема никој во близина кога ќе посегне по животот на сопругата и нероденото дете. Само неколку дена по нејзината смрт, тој побарал исплата на осигурувањето.

Високиот кривичен суд во Фетије му одреди притвор за убиство со предумисла, а истрагата е во тек.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.