Полицијата уапси 33 лица по синоќешните демонстрации, што заврши со судири во близина на Националното собрание, против контроверзниот Закон за сеопфатна безбедност, соопшти попладнево префектурата на Париз.

Во судирите има девет полесно повредени лица, сите од безбедносните сили, пренесе дописникот на МИА..

Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера стотината лица, меѓу кои имаше многу млади кои кршеја јавен инвентар.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан го осуди „неприфатливото насилство“.

Стотици луѓе се собраа вчеравечер на повикот, особено од новинарските синдикати и здруженијата за човекови права, да протестираат против предложениот закон за „сеопфатна безбедност“ за кој сметаат дека ќе ги спречи новинарите и граѓаните да ја снимаат полицијата за време на демонстрациите.

Нивната критика е насочена кон членот 24 од овој предлог-закон што го предлага владеачката „Република во марш“ и нејзиниот сојузник „Ажир“, чие разгледување почна вчера. Со овој член предвидени се казни до една година затвор и парична казна од 45.000 евра за ширење на „сликата на лицето или кој било друг елемент за идентификација“ на полицаец или жандарм во интервенција, кога има со цел „поткопување на неговиот физички или ментален интегритет“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.