Турското министерство за надворешни работи предупреди дека Турција нема намера да ги преземе обврските на другите земји и да прифати нов бран мигранти по ескалацијата на ситуацијата во Авганистан.

Во соопштението од турското МНР се наведува зачуденост од изјавата на австрискиот канцелар Себастијан Курц за тоа дека Турција е многу подобро место за авганистанските бегалци отколку што би била Европа.

Во турското соопштение се истакнува дека Турција не е соседна земја на Авганистан, како што рече Курц.

Наместо да се потенцираат заедничките напори и соработка за решавање на проблемот со илегалната миграција, кој влијае на целиот свет и е заедничко прашање за сите, ставот дека – мигрантите не треба да доаѓаат тука, туку да одат на друго место – е себичен и не помага – се порачува во реакцијата.

Во соопштението се нагласува дека Турција нема да прифати нов бран мигранти.

Овој став им го пренесуваме на нашите соговорници во секоја пригода и на секое ниво, нагласувајќи дека Турција нема да биде граничен чувар или бегалски камп на ЕУ – се вели во соопштението.

На 14 април, американскиот претседател Џо Бајден ја објави својата одлука за прекинување на операцијата во Авганистан, што беше најдолга прекуокеанска воена кампања во историјата на САД. Поради тоа, ситуацијата во Авганистан се влошува, со тоа што талибанците ја засилуваат својата офанзива во повеќе насоки, а бројот на бегалци од оваа земја секојдневно се зголемува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.