Турција и Русија ги завршиле техничките преговори и потпишале Меморандум за основање Заеднички центар за надзор на спроведувањето на примирјето во Нагорно Карабах.

Разговорите за техничките детали во врска со формирањето и одговорностите на Турско-рускиот заеднички центар се завршени и потпишан е договор – соопшти турското Министерство за национална одбрана.

Министерството преку Твитер објави дека во тек се активности за што побрзо ставање во функција на центарот и потсетува дека на 11 ноември, преку видеоконференција, е потпишан Меморандум за разбирање од страна на министрите за одбрана на Турција и Русија, Хулуси Акар и Сергеј Шојгу.

Преку заедничкиот центар во Нагорно Карабах, турските и руските воени делегации планираат да го следат и контролираат спроведувањето на примирјето меѓу Азербејџан и Ерменија – додаваат од Министерството.

Во судирите во Нагорно-Карабах што почнаа на 27 септември помеѓу ерменските и азербејџанските сили загинаа најмалку илјада луѓе. Досега беа потпишани четири договори за прекин на огнот, од кои најновиот беше постигнат на 10 ноември. Ерменскиот премиер Никол Пашињан заедно со претседателите на Русија и Азербејџан, Владимир Путин и Илхам Алијев усвоија трилатерална изјава за прекин на огнот во Нагорно Карабах и предавање на регионите Калбаџар, Лачин и Агдам на Баку.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.