Канадскиот премиер Џастин Трудо ја прими во петокот првата доза на вакцина „АстраЗенека“, која предизвикува резерви поради ретки, но сериозни случаи на згрутчување на крвта.

Трудо (49) со сопругата дошол во болница во Отава и вакцината ја примил пред камера.

Многу сум среќен. Онтарио ги поканува луѓето над 40 години да се вакцинираат со „АстраЗенека“ во аптеките. Сега е наш ред, рече премиерот малку порано на прес-конференција.

Неговата сопруга Софи Грегуар Трудо беше позитивна на Ковид-19 во март 2020 година, па премиерот мораше да се изолира во Отава.

Олеснување е да се знае дека овој едноставен гест помага да се заштитиме себеси, но и сите околу нас. Најдобрата вакцина за вас е првата што ви ја нудат, рече Трудо, повикувајќи ги сонародниците да се вакцинираат.

Повеќето канадски провинции оваа недела го проширија пристапот до вакцината на лица постари од 40 години, откако досега беше резервирана за лица постари од 55 години.

Нешто повеќе од 1,1 милиони дози на „АстраЗенека“, една од четирите вакцини дозволени во Канада, се администрирани во земјата.

Само три случаи на згрутчување на крвта поврзани со тромбоцити се пријавени во земјата, но сите се опоравиле, тврдат канадските власти за јавното здравје.

Недовербата кон вакцината натера многу земји да постават старосни ограничувања за нејзината употреба или да ја прекинат вакцинацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.