Во Хонгконг овој викенд ќе се одржат уште едни масовни протести, со што антивладините собири ќе влезат во трет месец.

Демонстрантите вечерва ќе формираат синџир од луѓе, сличен на оној на Балтикот во 1989 година кога жители на Естонија, Литванија и Летонија протестираа против тогашните советски власти.

Постојат и планови за прекин на меѓународниот воздушен сообраќај утре изутрина. Аеродромот во Хонгконг минатата недела беше упориште на масовните протести, но засега не е дозволено со судска одлука демонстратите тоа да го повторат.

Учесниците во протестите подоцна во текот на утрешниот ден треба да маршираат низ квартот Квунг Тонг, а два собира се планирани за в недела.

Штрајк најавија и студентите, кои планираат да ја бојкотираат наставата во првите две недели од септември, со можност за радикализирање.

Антивладините протести се еден од најголемите предизвици за кинескиот претседател Си Џинпинг откако стапи на власт во 2012 година. Комунистичката партија се подготвува за одбележување на 70-годишнината од основањето на Народна Република Кина на 1 октомври, па затоа протестите во поранешната британска колонија се случуваат во многу чувствителен период.

Протестите во Хонгконг започнаа поради незадоволство од законот за екстрадиција, а потоа барањата се зголемија за поголеми демократски права и слободи, како што е слобода на говор и независност на судството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.