За време на разговорите со гласачите, во организација на Си-Ен-Ен во средата навечер, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повтори своите тврдења за изборите во 2020 година, ги обвини други за насилството на 6 јануари во Капитол и одби да одговори дали сака Украина да победи во војната против Русија.

Трамп се појави на Си-Ен-Ен за првпат од 2016 година.

На собирот во Њу Хемпшир, сојузна држава во која се одржува едно од првите гласања во американскиот изборен циклус, тој продолжи да го критикува поранешниот потпретседател Мајк Пенс дека не се обидел да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година, за кои повтори дека биле „наместени“.

Тој, исто така, изјави дека нема да се заложи за прифаќање на резултатите од претседателските избори во 2024 година и нагласи дека тоа ќе го стори само ако смета „дека тоа биле фер избори“.

Малку повеќе од 24 часа откако поротата утврди дека Трамп е одговорен за сексуален напад и клевета на писателката И. Џин Керол, и ѝ додели отштета од 5 милиони долари, поранешниот американски претседател ги отфрли обвинувањата и повторно рече дека никогаш не се сретнал со Керол, наведува Си-Ен-Ен.

Трамп, исто така, го бранеше својот одложен одговор на настаните од 6 јануари, кога неговите поддржувачи упаднаа во Капитол во обид да ја спречат изборната победа на претседателот Џозеф Бајден.

Тој одби да каже дали сака Украина да победи во војната со Русија.

„Не размислувам за тоа во смисла на победа и пораз, мислам на тоа во смисла да се реши тоа за да престанеме да ги убиваме сите овие луѓе“, рече Трамп.

Запрашан од новинарите да избере која страна би сакал да победи, Трамп повторно одби да се изјасни и вети дека ќе ја заврши војната за „24 часа“ по неговото враќање на власт.

Тој за рускиот претседател Владимир Путин рече дека „направил огромна грешка“ и додаде „тој е паметен човек“, пренесува Си-Ен-Ен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.