Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го одложи состанокот на Групата на седум (Г7) најразвиени земји до есен, што беше планиран за следниот месец во САД.

Но причина за тоа не е состојбата со пандемијата со ковид-19, туку нагласи дека сака да го прошири клубот на најбогатите во светот со други држави – Русија, Австралија, Јужна Кореја и Индија, со образложение дека сегашниот облик е „многу застарен“ и не одразува добро „што се случува во светот“.

Сметам дека Г7 не го претставува реално она што се случува во светот. Тоа е многу застарена група земји. Би сакал да ги поканам Русија, Јужна Кореја, Австралија и Индија да учествуваат во проширениот самит – изјави Трамп.

Трамп посочи дека се’ уште не е одреден нов датум за состанокот, но дека смета дека тоа би можело да биде во септември, во исто време со годишниот собир на светските лидери во ОН во Њујорк или можеби по изборите во САД во ноември.

Изјавата на Трамп беше дадена по објавата од кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел дека таа нема да учествува на состанокот, освен ако не се промени состојбата со коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.