Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека тоа што новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, ја примил вакцината против корона вирусот пред ТВ-камерите, не значи дека такво нешто треба да направи и рускиот претседател, Владимр Путин.

Одговарајќи на новинарско прашање дали потегот на Бајден може да биде еден вид мотив Путин да го стори истото, Песков пред новинарите кратко изјави:

Апсолутно не.

Песков потсети дека Путин објаснил зошто досега не се вакцинирал.

Вакцинирањето сè уште не е овозможено за луѓе на моја возраст. Ги слушам препораките на нашите специјалисти, затоа сè уште не сум ја примил. Но, јас дефинитивно ќе го сторам тоа штом ќе биде овозможено – изјави Путин минатата недела, на традиционалната годишна прес-конференција.

Песков додаде дека претседателот Путин постојано се занимава со прашањето за вакцинацијата во Русија и дека тој е иницијаторот кој ги турка сите институции да спроведат вакцинација во сите руски региони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.